Some like it raw

Како да почнеме

Мојот совет за да почнете со веганската и сурова храна е тоа да биде многу опуштено. Немојте да си задавате строги цели (нпр. Од утре ќе бидам на 100% сурова храна,Ќе се откажам од сите животински продукти веднаш итн.). Тој пристап на повеќето од вас нема да ви успее, бидејќи е потребен подолг временски период за вашето тело да се навикне на новиот начин на исхрана, па и на новиот животен стил.
Препорачувам неколку чекори за пристап кон веганската храна:

Чекор 1: Додади

Обидете се да вметнете барем еден мал оброк или ужинка во вашата досегашна исхрана.
На пример, можете да почнете со додавање на познатите зелени сокови направени со блендер (green smoothies) наутро пред вашиот доручек.
И самата не би можела да ви опишам колку убаво ќе се чувствувате во текот на денот кога наутро ќе испиете зелен сок кој е свеж, полн со ензими, витамини, минерали и други хранливи материи. Можете да уживате во било која комбинација која ќе ја пронајдете на интернет, или пак можете да ги пробате моите рецепти, кои се правени за деца, но се супер и за веган почетници.
Продолжете понатаму... Изоставете го класичниот доручек , а наместо него испијте двојна количина од зелениот сок
Ако добро ви оди така, додадете уште еден суров оброк во текот на денот.

Чекор 2: Одземете малку

Откако веќе сте вкусиле многу сокови, салати, десерти и сл. од оваа исхрана базирана на растенија (plant based diet), време е да направите промени и да одземете некои намирници, кои се тотално непотребни за вас. Но, секако треба да се направи разлика од храна која треба да се избегнува целосно и храна која не е идеална, но сосема е добра за овој период на транзиција.
Храната која е повеќе пати обработувана или терцијално обработена храна е тоа што дефинитвно треба да падне во поранешна категорија, заедно со вештачките засладувачи.
Оваа храна е најчесто спакувана во кутии, ќеси, зачинета со многу бои, конзерванси и адитиви сè со цел да има подолг век на траење. Тоа се најчесто се:

  • Гумени бонбони
  • Паштети
  • Чипсови
  • Пастеризирано и хомогенизирано млеко и неговите продукти
  • Зачините кои содржат натриум глутамат (од типот на вегета)
  • Сувомеснати производи
  • Гуми за џвакање
  • Топени сирења
  • Разни маргарини
  • Тетрапак „природни" сокови
  • И сè она што е спакувано во ќесички и чека на рафтовите во маркетите

Јас сум сигурна дека дел од вас, гореспоменатите производи оддамна не ги вкусиле, а за вас останатите време е да им кажете ЗБОГУМ.
Во периодот на транзиција можете да користите интегрални макарони или шпагети искомбинирани со некој суров сос или прелив, или пак да си направите плескавица од ореви и да ја искомбинирате со интегрален 'ржан леб и салата.

Чекор 3: Одземете многу

Ако доживеавте успех и секако добро здравје со чекорите погоре, вие сте подготвени за следниот чекор, а тоа е поедноставување на вашата исхрана.
Ова значи елиминирање на целата храна од животинско потекло, или барем исклучување на сите меса, рибата и јајцата нека ви останат како златна резерва, иако повеќето луѓе кои ги познавам не копнеат по месото, туку по сирењето.
Морам да ви напоменам дека убаво приготвено сирење од макадамија и индиски оревчиња, барем за мене е апсолутна замена за класичното сирење.
Продолжете да јадете и термички обработени зеленчуци, житарки и мешунки, и запомнете дека не е целта да се биде 100% суров веган, целта е да се додаде што повеќе сурови оброци во вашата исхрана.
Ако не успеете од прв пат, не очајувајте! Не сте први, ниту единствени!
Обидете се одново!

Print Friendly and PDF