Some like it raw

Боров мед

Објавено во Мали тајни.

Боров мед

 

      Во последно време многу слушав за познатиот лековит “природен боров мед", иако знаев дека истиот не е мед од пчели туку тоа се борови вршки варени неколку саати во вода, засладени со многу шекер.

Знаејки го ова, последниот пат кога бев во Берово на излезот од хотелот имаше неколку луѓе кои продаваа производи од Малешевијата. Нормално и самата купив, за подоцна да сфатам дека сум вешто излажана и дека сум купила шербет со вкус на јагода, koj немаше буквално никаков мирис и вкус на бор.

Во разговор со една возрасна мештанка, ми беше објаснето дека боровите цветови ( вршки) исклучително тешко се берат, па дури и да го има екстрактот од бор внатре во мојот купен природен “боров мед”, тоа е во сосем занемарлива количина.

Секако мојот штотуку купен “боров мед” заврши во канта за ѓубре, а јас се обидував да најдам рецепт за самата да си направам. Рецептот кој во себе не содржи гликозен сируп изгледаше вака :

 

 Рецепт:

  • 10 литри вода
  • 4 кг лимон
  • 8 кг шеќер
  • 6 кг борови вршки

Да, убаво прочитавте, внатре има 8 килограми бел шеќер! Искрено јас не гледам ништо природно во било кој производ кој е направен со толку многу шеќер, па мојата потрага продолжи понатаму за да после неколку недели го најдам тоа што го барам. Пронајдов рецепт за боров мед кој се прави со вистински ливадски мед.

Во продолжение, ако сакате сами да си направите мед кој ќе има лековит ефект за болестите на горните и долните дишни патишта, набавете еден килограм ливадски мед и од блиската шума наберете борови цветови кои што се берат при крајот на месец април и почетокот на месец мај.

Тегла од 2 кг. се полни две третини со ситно исечкани борови цветови(вршки) и после тоа се дополнува со ливадски мед.

Се остава да стои најмалку 40 дена, после што се процедува.

Чувајте го во фрижидер, а можете да го користите за лекување на дишните патишта, бронхитис, анемија и слично.

Има прекрасен вкус и мирис, а јас среќна сум што го имам по дома.

Ако ме прашувате дали е функционален, искрено сè уште незнам!

Ќе провериме во зима :-)

 

Ваша Б.

Print Friendly and PDF