Мрачните тајни на сувото овошје

Во последно време здравата храна станува многу популарна, сè повеќе луѓе се обидуваат да се хранат здраво, па така, на полиците на маркетите можеме да видиме разновидни производи кои се етикетирани со придавките „здраво“, „природно“, „100% природно“ итн. Прашањето е: Колку од овие производи се навистина здрави и природни, ако стојат на полиците повеќе месеци, па и години?
Еден таков производ кој нашироко се препорачува како здрав производ е сушеното овошје, кое може да се најде пакувано или во рефус. Во суштина овошјето ако се суши без никакви додатоци и конзерванси или ако тие додатоци се природни како на пример, сок од лимон, тогаш тоа навистина е здрав производ кој е одличен како меѓуоброк или ужина. Меѓутоа, овде се јавува проблемот. Речиси сите кои се достапни на пазарот, било да се пакувани или во рефус се сушат со штетни конзерванси – сулфити. Сулфитите спречуваат губење боја на овошјето и го спречуваат растот на бактерии. Сулфитите кои се користат за оваа намена се: сулфур диоксид (E-220), натриум сулфит (E-221), натриум бисулфит (E-222), натриум метабисулфит (E-223), калиум метабисулфит (E-224), калциум сулфит (E-226) и калциум бисилфут (E-227) и секако дел од нив се дозволени и во производството на органска храна.