За нас
Добредојдовте на блогот „Некои тоа го сакаат ЖИВО!“, каде што ќе дознаете повеќе за тоа што е жива/сурова храна, нејзините големи придобивки врз човечкото здравје, како што се повлекување на сериозните болести, добивање здрав, блескав тен, повлекувње на брчки, здраво губење на килограми и многу, многу други и најважно од сè – како да ја подготвувате.
За наједноставно да дефинираме што всушност претставува живата храна, ќе речеме дека оваа храна вклучува производи исклучиво од растително потекло – овошје, зеленчук, зеленолиснати растенија, житарки, мешунки кои се „готват“ на темепература која не надминува 47°C. Храната се подготвува со повеќе различни процеси како што се блендирање, миксирање, ’ртење, ферментирање и дехидрирање.
Иако на прв поглед изгледа дека оваа исхрана е многу екстремна и ограничена, сепак колку повеќе ја запознавате, забележувате дека не мора да се откажете од многу омилени јадења бидејќи оваа исхрана изобилува со мноштво рецепти кои претставуваат здрава, природна алтернатива на нивните традиционални готвени двојници. Се разбира, иако ширум светов има многу луѓе кои се 100% на жива храна, придобивките ќе ги почувствувате и ако постепено го зголемувате делот на живи наспрема готвени продукти.
Кои сме ние и како започнавме?
Две сестри, Билјана и Миланка – сосем случајно дознавме за овој начин на исхрана пред повеќе од 4 години кога ги добивме хрватските верзии на двете познати книги од светски прочуената авторка и гуру на жива храна, Викторија Бутенко. „Зелено за здравје“ и „12 чекори до сурова храна“ кои претставуваат своевидни Библии за овој вид на храна нè инспираа и ни дадоа мотив, желба и волја да се впуштивме во оваа авантура. Неверојатната приказна за семејството Бутенко, едноставниот разбирлив стил на пишување, како и прецизните објаснувања на самата авторка не можат да ве остават рамнодушни. Затоа топло ги препорачуваме на сите кои сакаат да дознаат повеќе за овој начин на исхрана, а кои сега можете да ги најдете и на македонски јазик.
Започнавме случајно, останавме намерно и нашиот прв „жив“ предизвик се случи во февруари 2010 год. Решивме да останеме цел месец на исклучиво жива/сурова храна. Иако и претходно се придржувавме на здрава исхрана, сепак ова беше нешто ново за нас. Тогаш, сфативме што значи зависноста од готвена храна која е толку добро опишана во книгите на Бутенко. Беше тешко, искушувачки, понекогаш неиздржливо, но вредно и поучно. Бидејќи на почеток, исхраната ни се состоеше главно од салати и зелени и овошни кашести сокови имавме потреба да внесеме разновидност во исхраната, па баравме рецепти за да го задоволиме копнежот за храна. На овој начин произлезе и чоколадниот мус од авокадо кој стана вистинско откритие за нас. Има неверојатен вкус, а е здрав и хранлив. Потоа се редеа живите преливи за салата, живиот веганез, сладоледите од замрзнато овошје, торти, ленени крекери, маринирани печурки, живи лепчиња и многу други.
Нашите сознанија, искуства, рецепти и размислувања за овој начин на исхрана кој претставува и начин на живот, сакаме да ги споделиме со сите вас, токму на овој блог. Се надевме рецептите кои ќе ги видите овде ќе ве поттикнат да посакате и самите вие да ги направите, а останатите информации кои ќе ги прочитате да бидат корисни за вас, колку што беа и за нас.
Со љубов,
Билјана и Миланка