Вегански шлаг

5.0/5 оценка (3 гласови)
  • Порции: 2
  • Сложеност: средно
  • Категорија: Готвено
Вегански шлаг

Состојки

  • 1 пакување кокосово млеко во конзерва, полномасно
  • 1 лажица мелен нерафиниран кафен шеќер
  • путер од индиски ореви по потреба (изборно)

Начин на подготовка

  1. Дали знаевте дека може да направите шлаг од конзерва кокосово млеко? Не само што едноставно се подготвува, туку има и недолив, прекрасен вкус, а не содржи млечни или други животински производи.

    Мора да признаеме дека овој рецепт нè намачи додека да го добиеме вистинскиот резултат. Неколку пакувања кокосово млеко отидоа неповратно без да добиеме вистински шлаг. За малку дури и ќе се откажевме, но не за џабе се вели дека упорноста, на крај, се исплаќа. Шлагот кој го направивме имаше текстура каква што треба за да ја украсиме роденденската торта која ја правевме истиот ден. А да не спомнуваме дека децата веднаш му се нафрлија и го снема за помалку од 5 минути. :)

  2. Клучен момент во целиов рецепт е да ја оставите конзервата кокосово млеко во фрижидер 12 часа или преку ноќ. Исто така, важен и брендот кој го произведува кокосовото мелко затоа што кај некои кои ги пробавме не успеа да се оддели течноста од пулпата на кокосот бидејќи како што ќе видите, за шлагот се користи само кокосовата пулпа без течноста. Последниот пат, кога всушност го направивме шлагот, користевме два вида кокосово млеко, органско и обично. И од двата добивме шлаг, само на шлагот од органското кокосово млеко требаше да додадеме малку путер од индиски ореви за да биде поцврст. За обичното, немаше потреба.
    Да напоменеме, не се обидувајте да ја скратите постапката со фрижидерот и да ја оставите конзервата кокосово млеко во замрзнувач за пократко време бидејќи нема да ги добиете саканите резултати (верувајте, научивме на потешкиот начин).

  3. Откако ќе отстои за потребното време, извадете го кокосовото млеко од фрижидер и отворете ја внимателно конзервата. Ќе забележите дека пулпата со маслото е одделена од течноста. За шлагот потребен е само цврстиот дел, а преостанатата течност може да ја искористите за кашест сок или така да се испие.

  4. Цврстиот дел од млекото (пулпата) ставете ја во соодветен сад за матење и со миксер почнете да матете од ниска па сè до највисока брзина. Додадете го и нерафинираниот, измелен кафен шеќер кој освен што засладува, придонесува и шлагот да биде поцврст. Впрочем, тоа е и причината што користевме нерафиниран кафен шеќер бидејќи со течните засладувачи нема да се добие текстурата на шлаг. После неколку минути матење, ќе добиете прекрасен шлаг со неодолив вкус. Како што спомнавме погоре, можеби ќе имате потреба да додадете мала количина путер од индиски ореви.

  5. Добиениот шлаг можете да го користите во безброј комбинации- со свежо овошје, украсување на живи торти, колачи, палачинки, во овошни салати или самостојно како десерт со изрендани лешници, ореви, бадеми и слично.

    Добар апетит!

Оставете коментар

Оставивте коментар како гостин. Подолу зачленување по желба.